Сутерен.мк

Среќата на волкот

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Среќата на волкот“ од современиот италијански писател Паоло Коњети, во превод од италијански јазик на Анета Симовска.

Авторот на романот „Осум планини“ (преведен на 40 јазици и продадени на еден милион примероци) во овој роман создава љубовна приказна чии деликатни дејства се надополнуваат со живописните пејзажи на италијанските Алпи. Групата главни ликови, кои постојано се бараат себеси, се како глутница волци кои бараат блаженство додека се наоѓаат на пресвртница во своите животи откако го напуштиле градот (Милано) и заминале во едно високо алпско село сместено во дивите и фасцинантни предели.

Во „Среќата на волкот“ Коњети ги истражува човечките односи, нивните пукнатини, празнини и недостатоци преку постојан дијалог меѓу човекот и природата. Оваа проза е како медитација за планината и за љубовта.

Префрлувајќи го погледот од надежите и соништата на младоста кон противречностите на зрелоста, Коњети оформува извонредна група ликови кои постојано се бараат себеси: Фаусто, Силвија, Санторзо, Бабет кои се како глутница волци кои бараат блаженство додека се на пресвртница во своите животи која ќе ги натера да ги изберат своите патишта. Тие го напуштиле градот (Милано) и а да се пронајдат себеси заминале во едно високо алпско село сместено во дивите и фасцинантни предели. Во оваа прекрасна проза Паоло Коњети за своите јунаци го гради светот на малото планинско село Фонтана Фреда.

„Среќата на волкот“ ги истражува човечките односи, нивните пукнатини, празнини и недостатоци преку постојан дијалог меѓу човекот и природата. Оваа проза е како медитација за планината и за љубовта.

Романот на италијански јазик е објавен во октомври 2021 година, но истовремено со подготовка за печатење на италијанското издание, правата за преведување веќе беа продадени во 16 земји, односно две недели од публикувањето – во 20 земји.

Само неколку дена по италијанското издание романот веќе беше објавен во Франција, Германија, Холандија, Шпанија, вклучувајќи го и каталонското издание. Во некои земји е публикуван со насловот „Љубовници“. До ова, македонско, издание, правата за превод и публикување на романот беа продадени во 27 земји. Овие податоци најдобро говорат за големиот интерес што го предизвикува овој автор по неговиот роман „Осум планини“, за кој ја доби европската награда „Стрега“ и доживеа светски успех.

По „Осум планини“ и „Никогаш на врвот“, „Среќата на волкот“ е трета книга на Паоло Коњети публикувана на македонски јазик – трите во издание на „Македоника литера“ и во превод на Анета Симовска.
Паоло Коњети (Милано, 1978) дебитирал со збирката раскази „Прирачник за успешни девојки“ по што следи збирката „Една мала работа што ќе експлодира“, за која ги добил наградите „Сетембрини“ и „Кјара“. Автор е и на „Њујорк е прозорец без завеси“, „Дивото момче“ (2013, преведен на 18 јазици), „Пливачот“, „Сите мои молитви гледаат кон запад“, „На лов во најдлабоките мочуришта“, „Софија секогаш се облекува во црно“ (селектирана за наградата „Стрега“ и преведена на повеќе јазици), „Осум планини“ (ноември 2016, добитник е на неколку награди, меѓу кои и наградата „Стрега“ во 2017 година) и патописната проза „Никогаш на врвот“ (2018).

Врз основа на романот „Осум планини“ беше снимен игран филм, во режија на Феликс ван Гренинген (претходно номиниран за Оскар), со ѕвездена актерска екипа, снимен во Естул, планинското село северно од Милано, каде што живее Паоло Коњети. Филмот беше прикажан во официјалната програма на Филмскиот фестивал во Кан, во 2022 година и доби една од наградите на жирито.

Паоло Коњети е познат и како голем приврзаник за планините, а таа опсесија доминира во неговото книжевно творештво и е причината што заминал да живее на италијанските Алпи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *