Сутерен.мк

Петар Хаџи Бошков: Треба да се дебатира, а не наметнува

Својот осумдесет и втори роденден и петте децении творештво, академскиот скулптор Петар Хаџо Бошков ги одбележа со отворање на ретроспективна изложба на први јуни. Повеќе од шестотини скулптури од најразлични материјали од сите фази на неговиот работен век, што публиката ќе може да ги види до крајот на август поставени се во Националната галерија на Македонија – “Мала станица”. Паралелно со ова, беше промовирана и монографијата „Петар Хаџи Бошков: Скулптура 1950-2004“ од ликовниот критичар Конча Пиркоска, на 192 страници во боја, поделена на три дела – Тело, Енергија на ритамот и Монументална јавна пластика, со шест поднаслови. Значајни настани, но Хаџи Бошков како да не е премногу возбуден.

  • Се чувствувам добро, убаво е секако, но сепак, ова и не е голема ретроспектива. Имало и порано вакви претставувања. За жал, нема простор каде би можеле да се сместат сите мои фази… – вели и појаснува дека има навистина многу скулптури, цртежи, графики, што стојат скриени од јавноста, а можеби исто толку што не знае ни каде се. Не води прецизна евиденција за своите дела всушност, се однесува сосема релаксирано кон она што го создал. Не сака ни да зборува, да го коментира и „рангира“ ниту, изложеното ниту, до сега стореното.
  • Чинот на создавањето бил секогаш примарен. Интерпретацијата на моето творештво ја оставам на историчарите на уметноста, а јас се што сум мислел и чувствувал, се што сум сакал да кажам сум кажал преку скулптурите. Не е во ред со зборови да го објаснувам моето дело – потенцира тој, но признава дека им нема крај на желбите и плановите за тоа што би сакал да направи.
  • Сепак, кога ќе се земат во предвид моите години… Работам се уште многу, но сега ми треба повеќе напор за реализзација на идеите па, честопати се прашувам што ми треба сета оваа работа!? – смеејќи се вели. Хаџи Бошков, кој важи за еден од најпродуктивните уметници на овие простори, задоволен е од постигнатото, од својот животен и креативен пат. Студирал и дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљан, а специјализирал на Кралскиот колеџ за ликовни уметности „Купер“ и на Слејдовата школа во Лондон. Работел како професор во Училиштето за применета уметност во Скопје и како професор и декан на Факултетот за ликовни уметности и е почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.
    Овој скулптор е врсник на револуционерните и авангардните пулсирања во ликовниот живот на нашата земја во педесетите години на дваесеттиот век. Проследувачите на неговото дело ќе забележат дека во таканаречената “нулта точка” од почетокот на неговото творештво, создава еден вид на компромис со Аристотеловиот мимезис, кој повеке се заснова на личното видување и елаборирање на природата. Во овој период главно се задржува на мотивите како што се: глави, торза и слично… Во втората пак, половина на петтата деценија Хаџи Бошков пред себе отвора ново истражување. Во овие дела, најчесто се портрети, се јавува присуството на динамиката и ритамот, во кои се забележуваат сликарски и графички конотации. Влијанијата врз него, како што признава и самиот, главно доаѓаат од светски познатиот скулптор Хенри Мур, а во одреден период овие двајца заедно соработуваат.
  • Со Мур бевме многу добри пријатели. Тој беше еден извонреден не само уметник, туку и човек. Доаѓаше на моите изложби, јас одев на неговите… – се присетува Хаџи Бошков. Во овој период тој пристапува кон кршење на формата поставувајќи нов уметнички концепт. Делата се изработени од дрво и цемент, со што уметникот укажува дека материјата е услов да се изрази естетската вредност. Со употребата на металот и отпадните железа тој го најавува оној енформелски пристап и понатамошниот развиток на енформелот во македонската современа скулптура. Со овој приод, Петар Хаџи Бошков е еден од првите македонски автори кои естетиката на грдото ја претставуваат во своите дела. Земјотресот во 1963 година, исто така ке остави голем печат врз неговото творештво: ќе настанат оние постземјотресни дела кои живеат со духот и паралелите на разрушената скопска архитектура. Можноста да ги посети Соединетите Американски Држави и да ја запознае одблизу тамошната уметност и култура, ќе ја искористи за нови “погледи”. Преку делата како што се: Судрување, Вертикално крешендо, Симултан пробив, Страшен процеп, јасно се покажува динамиката на просторното живеење, паралелите со тамошната архитектура, начинот и брзината на живеењето.
    Во 1978 година учествува на Венециското биенале со темата “Дијалог” во која се претставува урбан пејзаж кој се заснова на простор, архитектура и сликарство, а во 1997 – ма на Деновите на европската култура во Солун. Петар Хаџи Бошков впрочем, со своите паралели – Љубљана, Лондон, Њујорк е еден од малкумината македонски современици кои биле во вистински чекор со светската ликовна уметност. Тој, велат познавачите е уметник кој со гордост може да ја претставува македонската современа уметност и да влијае врз творештвото на македонските млади автори. Битката пак, за самостојна скулпторска артикулација ја продолжува и денес.
  • Уметникот мора да го задржи својот творечки интегритет. За жал, она што денеска се случува со поставувањето на сите тие споменици низ Скопје, малку има врска со независноста – коментира тој и потврдува дека бил повикан да даде мислење за проектот „Скопје 2014“.
  • Јас во девет точки образложив дека тоа што се прави денес мора да носи и денешен белег. Како го кажав тоа, очигледно настана проблем и повеќе не ме повикаа да кажам било што. Треба да се дебатира за нештата, особено за оние монументалните, а не да се наметнуваат. Штета, што наместо уметничка, се направи политичка дебата – тврди Хаџи Бошков, кој реализирал 16 монументални споменици инсталирани во Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, но и во Холот на Советот на Европа во Стразбур, Франција. Покрај ова, негови дела се наоѓаат во државни и приватни колекции во земјава, во сите поранешни југословенски републики, но и во Велика Британија, САД, Франција, Полска, Италија, Турција, Грција, Белгија. За своето творештво добитник е на триесет национални и меѓународни награди, а организирал 27 самостојни изложби дома и во странство и учествувал на повеќе од тристотини групни изложби на сите континенти.
    На крајот, на прашањето дали има свој наследник, професорот одговара:
  • Па, делата што се во моја приватна сопственост, секако, ќе ги наследи синот и неговите за сега, четири деца. Како пак, „наследник“ во уметнички поглед тоа се неколкумина мои некогашни студенти, меѓу кои би го издвоил Исмет Рамиќевиќ. Работите можеби не изгледаат баш најсјајно, но сепак, има надеж за македонската ликовна уметност – заклучува насмеано Петар Хаџи Бошков.

Бранка Д. Најдовска
Фото: Игор Тодоровски
„Теа модерна“, 2010 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *