Десет прашања за Љац, актерот при драмата на Македонскиот народен театар и десет одговори за тоа со кого би сакал да заглави во лифт, кому би му дал „Оскар“, кого би нокаутирал…
- Од што не се делите?
– Од Скопје. Затоа што во Скопје доаѓаат убави битолчанки и потоа јас се дружам со нив, а понекогаш и се женам со нив. Потоа, не само што не се делам, туку по малку и се множам со нив. Деновиве дури и се собирам, со колегите во Mirco and Slavco first partizan’s production кај Ацо и Дарко, со кои се подготвуваме за нивниот нов проект.
- Што ве нервира кај жените?
– Долги нозе. Многу се нервирам и кога ќе видам црвени бикини. Тоа е толку, некако… непристојно за гледање, што просто се ужаснувам. Не можете ни да претпоставите како се чувствувам кога на едно место ќе здогледам три долгоноги девојки, во црвени бикини, а до нив уште три во топлес!? Уништен сум тотално! Поради моето, а претпоставувам и на многу други мои истомисленици, непречено битисување, ваквите девијантни појави треба под итно да се забранат.
- Кого би го нокаутирале?
– Мајк Тајсон! Многу гризе уши.
- Омилена песна…?
– Тешко прашање. Види вака… Јас ги сакам сите видови музика. Слушам забавна и народна музика, а најмногу сакам диско.
- Со кого би сакале да заглавите во лифт?
– Дали со Благоја Ханџиски или пак, со Бранко Црвенковски!? Тешка дилема… Море и со двајцата! Така би имал можност да го прашам Благоја дали е под директно влијание на Кастанеда или пак, имал некој ндруг духовен учител што толку многу му успеало длабоко да навлезе во тајните на индијанскиот ритуален танц. Голема желба ми е да научам да играм како него.
Што се однесува до заглавувањето со Бранко… Бранко пред две години изјави дека „реформите имаат и поубава страна“. Би го прашал дали за две години реформите ќе имаат и најубава страна. Ако продолжи да ги разубавува може да се случи и да се вљубам во некоја толку расна реформа.
Освен тоа, би можеле да разговараме и за Кундера. Околу тоа дали „животот е некаде на друго место“, а ова овде кај нас е само обична „шега“, дали само ние или цел народ ни е заглавен в лифт и што е тоа што нашата „неподнослива леснотија на постоењето“ ја чини толку поднослива. Па, можеме да разговараме дали ако посадиш кактус, можно е да никне грозје или дали принцот и Пепелашка се уште живеат среќно? Ееее, уште колку би разговарале!
- Кого или што би понеле на пуст остров?
– Ако ни тргне муабетот во лифтот, ни пет – ни шест, ги носам со себе и таму. Ич не му ја мислам!
- Што сте биле во минатиот живот?
– Ученик вљубен во ликот и делото на Јосип Броз Тито, па реинкарнирав во глумец.
- Најголем порок ви е…?
– Јас немам ни најмал порок, а не најголем! Лажам: само се вљубив.
- Кому би му дале „Оскар“?
– На Нино Леви за улогата во претставата „М.М.Е. Кој прв почна“. Просто е – одличен!
- Да ја имате Аладиновата ламба, што би си посакале?
– Уште еднаш да работам на филм со Милчо Манчевски.
Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1997 година