Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Тесна кожа

По телевизиските екрани секој ден оди реклама за чоколадото “Најлепше жеље“, во која се поставува прашањето “На што ја потрошивте изминатава година“? И јас како од пушка секој ден одговарам: на корона! Немам друг одговор. Не ми текнува на ништо друго. Знам дека ја пречекавме новата 2020 година, потоа дојде Бадник, па Божиќ…И по еден месец се појави министерот за здравство Венко Филипче, да ни соопшти дека смртоносниот вирус наречен Корона стигнал во Македонија. Од тогаш секој ден задолжително гледаме вести да го слушнеме најновиот биланс за новозаразени и починати. И се уште тоа го правиме и на истекот на годината. Како во сон. Но, не како сон во кој на брза лента ни се менуваат настани, случки и лица, туку како на нешто не реално што не можеме да го дефинираме, а кое ни одзеде една година од животот, Неповратно.

Често имаме обичај да споменеме дека на овој Балкански полуостров ништо не се менува. Дека стоиме со години на едно место закопани во нашите митови, легенди, историски факти, вистини и полу вистини, за кои разговараме секојдневно, без да видиме дека времето минува. Дека сме остареле мачејќи се да докажеме, кои сме, од каде потекнуваме, каков јазик зборуваме, каде се наоѓаме, кои ни се пријатели, кои непријатели, дека не сме националисти, дека разбираме што е тоа толеранција и постојано да се вртиме околку највистинската вистина, која никако да излезе на виделина и правдата која никако да прогледа. Во меѓувреме, поголемиот дел од младите за среќа успеаја да излезат од овој невидлив маѓепсан круг, но за жал вирусот не врати на почеток, повторно да се занимаваме со самите себеси.

Ако е за утеха за прв пат светот се најде во балканска кожа. Поради задолжителните мерки за заштита од Ковид 19, годинава сите почуствуваа како е да си затворен. Какво е стакленото ѕвоно од кое се можеш да гледаш, ама не можеш да излезеш. Можеш да кажеш, ама не се знае дали некој ќе те слушне. Да се качуваш до врвот на ѕвоното и повторно да паѓаш удолу. Слепо да слушаш наредби, без шанса за приговор. Ние вака живееме со години, а целиот свет изминатата година. Во почеток граѓаните на демократските држави мирно ја профатија целата ситуација, но подоцна сериозно започнаа да се бунтуваат против затворањето, означувајќи ги мерките како репресија, ограничување на слободата, на правото на движење, или, како што прочитав на некои транспаренти, ограничување на правото на живот.

Драги пријатели, и во ограничени рамки животот врви. И од тоа нема да полудите. Ако не верувајте прашајте некој од од овде, од Балканот. Го знаеме тоа од искуство. И во реален карантин поради вирусот, и во невидлив карантин поради делумно исполнети или неисполнети критериуми за излегување од ѕвоното, ние функционираме. Се уште сме горе-долу сите со здрав разум. Издржуваме. Само не зачудува вашата неиздржливост. Читаме ви се зголемил бројот на самоубиства, насилно однесување, семејно насилство…Мала криза и пад на идентитетот? Зачудувачки! А ние сакаме да се придружиме, мислејќи дека сте стигнале до таму и сте изградиле подобар свет од нашиот, затоа што сте поиздржливи од нас! Тесна ви е во кожата. И тоа само од еден вирус.

Сега замислувам што ли ќе се случува, ако излезат точни информациите кои доаѓаат од Британија, дека се појавил нов уште по ригорозен вирус од Короната, кој како што велат од таму, тешко ќе може да се контролира! Или ако одлучат светските лидери да воведат задолжително 5 џи мрежа? А со чипирањево до кај сме? Дојдете кај нас, ние оддамна сме чипирани.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *