Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Диета

Никогаш завршената приказна како да постои откако е создадена жената: Нова година да помине и слабеам! Крај нема. А можеби, не треба да има ни почеток…

За време на честитањето на Новата година ретко кој лик од видео повиците, пропушти да забележи дека некако ептен „здраво изгледам“. Секако дека не ми беше гајле за ваквите крајно непристојни коментари, ама кога по којзнае кој пат прередувајќи го плакарот, сфатив дека ништо од ланските партали не ме собира, се загрижив сериозно. Веднаш ми проработе дигитронот и кога онака „округло“ пресметав колку ќе ме чини нова облека, добив паничен напад! Се качив на куќната вага. Не сакате да знаете што се појави на малиот екран!

Е, си реков, доста веќе! Има да ослабам и точка! Јас и Универзумот бевме подготвени за оваа мисија, колку таа и да изгледаше невозможно.

Колебливо херојство

Веднаш се посветив на читање стручна литература, купување на разни тревки, треви, чаеви и патики.
Бидејќи знаев дека ме чека голема пожртвуваност, вечерта пред денот Д решив да си се почастам за храброста.

Си порачав хамбургер со се што можеше во него да се стави (да имаа и печен вол и него ќе побарав да го вметнат меѓу лепињите). Го решив за неколку минути и си легнав смирена од мојата самоувереност дека од следното утро стартувам со големата битка против масните наслаги, што мора да заврши успешно.

Утрото секако дека промени се. Ми се смачи и од самата помисла дека ова мое приклучение подразбира и истрчување или барем брзо одење на пет километри пред појадокот, а и после вечерата.

Прочитав некаде дека при трчањето добро било да се замоташ во алуминиумска фолија за да се испотиш повеќе. Сепак, по неколку секунди ја отфрлам идејата. Не затоа што не и верувам (иако е идиотска комплетно) туку ми се страв некој да не ме види таква, спакувана како предебела печена мисирка, па да повикаат психијатри, кои сосема оправдано, би ме затвориле некаде на подого време.

Истрчав што истрчав (мислам дека не беше повеќе од еден до два километра, а и не личеше баш на трчање), но важно си дојдов пресреќна од реализираниот прв чекор.

Следуваше режимот на исхрана: првиот ден половина јаболко за појадок, другата за ручек, лажиче посно сирење за вечера, па пак трчање или како и да се викаше таа моја физичка активност. Вториот ден половина резанка двопек за појадок, два листа сиров целер за ручек, зелен чај за вечера… Третиот ден пукнав – купив скара на кило, се прејадов и бев подебела од пред три дена.

Менување тактики

Наредниот ден сменив тактика: си го истенчив паричникот „инвестирајќи“ во таблети за слабеење. Добро, си велам, нека имаат и само плацепо ефект, барем ќе ме натераат да јадам помалку! Јок, бре! Ни плацебо, ни млацебо! Сега веќе ми изгледаше дека и бројките на вагата се здебелени.

Потоа, прочитав дека со спиење се слабее. Спиев 48 часа т.е. не станав од кревет. Вагата веќе добиваше човечко лице…

Па неколку дена броев зрна од ориз, пченица, овес… Па тркалца од банана, резанки од цитрон, ананас, портокал… Па непечени јатки од се што можеше да се најде во локалната семкарница. Мојата телесна маса едноставно, беше неуништлива.

Следуваше фаза со кефир и тибетски печурки. Толку многу кефир испив и толку печурки изедов што требаше да станам соленка или барем да почнам да халуцинирам за некој поубав живот во поинаков и подобар свет. Ниту едното, ниту другото не се случи.

Уморна, разочарана и со тотално смачкана самодоверба, се предадов. Ако треба шатор ќе носам, ама веќе не можев понатаму со ова измачување. Си направив голем меснат сендвич, седнав во фотелјата и наеднаш сфатив дека мојот стан се претворил во едно огромно, нечисто и хаотично чудовиште!

Последиците до занесот

Што правеше скапоцениот ми сопруг додека траеше оваа моја амбициозна самотортура?! Василевсот мој е на мислење дека мажот се раѓа уморен и дека жената треба да му дозволи за време на неговиот живот да се одмори. Нему телевизорот му служи за опуштање после одморот. Зашто, преку него може да ужива во инаку, недостапните за него нешта: голи убавици, добри автомобили и да ги подучува светските фудбалери како се тркала топката.

Тој одмораше преку ден, за да може во текот на ноќта да спие. Како може да си легне уморен?! Мора дента психички да се подготви за ноќта што следи. Тоа што р’чи, вели, не значи дека ужива во сонот туку дека длабоко размислува додека спие. И тоа исклучиво за мојата иднина! Мојот совршен животен сопатник, никогаш не го сработува денес она што може да го остави за утре. Или за другата недела, следниот месец…

Всушност, тој е толку великодушен што сите обврски ми ги остава мене зашто, смета дека никој не може толку брзо и прецизно да ги сработи како јас. Како да не бидам благодарна за оваа почит што ми ја укажува!? Освен тоа, секогаш нагласува дека ниту една жена, а најмалку неговата, би сакал да остане рано вдовица. Затоа што работата е болест. Интелектуалниот и физичкиот ангажман ја исцрпува енергијата, особено кај мажите, па ним страшно им паѓа имунитетот, стануваат импотентни и се оддаваат на опијати, алкохол и други жени. Од ваквиот силен стрес, на крајот ги чека смрт.

Што ќе рече, соба по соба, почнав да ги доведувам работите во ред. Собирање пајажина, миење ѕидови, врати и прозорци, рибање плочки, бришење прашина, гланцање паркет, чистење теписи, миење садови, перење, пеглање… Еден по еден, сите домашни животинки на длабинско бањање, средување на терасата, фрижидерите, оценките и кавгите со врсниците… „Реставрирањето“ траеше од вторникот до петокот вечерта, кога речиси се онесвестив од умор.

Следното утро едвај се одлепив од креветот. Ме „гледа“ вагата право во очи и ме предизвикува. „Хм“, си велам, „мислиш дека пак, ќе ме разнебитиш со покажување на цифрите од мојата лична карта!? А не, веќе се навикнав. Ништо веќе не ми можеш!“ Заведена од овој мој безгласен монолог и полна со инает застанав на неа. И тогаш следеше шок: за прв пат таа покажа помалку килограми – дури четири!?
Се струполив назад во креветот речиси, парализирана.

Не знам колку време лежев така. Ме болеше секој мускул, ме болеше дури и косата! Ми требаа неколку дена да си ја повратам силата. Пред повторно да се вратам на секојдневната рутина, ја земав вагата, ја спакував во црна најлонска ќеса и ноќе, тивко, како во некоја филмска крими драма кога се ослободуваат од несакани сведоци, ја фрлив во контејнерот што е две улици подалеку од мојата. Никогаш поголемо растеретување не сум почувствувала. Бев лесна како пердув…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *